Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Кумановци имаа несекојдневна можност да го проследат дефилето на француски олдтајмери организирано по повод одбележувањето на Денот на „Пежо 404“, што го организираше истоимениот клуб од Скопје.
Ретро моделите на француските возила Пежо и Ситроен продефилираа низ кумановските улици предизвикувајќи голем интерес кај кумановци, а со истите олтајмери во Гимназијата "Гоце Делчев" пристигнаа и францускиот амбасадор во Македонија Сирил Бoмгартнер и градоначалникот Максим Димитриевски. Тие присуствуваа на отворениот ден на Гимназијата во која има билингвална паралелка со настава на македонски и француски јазик.
Дефилето е организирано од Клубот „Пежо 404“ во соработа со Амбасадата на Франција, и тоа за првпат надвор од Скопје.
Моделот „Пежо 404“ е дел од врвните достигнувања во светската автомобилска технологија, кој се произведувал во Франција од 1960-1975 година, а последното возило е произведено во 1991 година во Кенија. Претставувал најдобра комбинација на убавина, удобност, елеганција и квалитет и веднаш ја освоил Евопа и другите континенти. Во Франција се произведени 1.85 милиони примероци, а во светот приближно 2.9 милиони примероци. Голем број возила од овој модел сè уште се возат, пред се, по африканските патишта и оддалечените делови на Јужна Америка.
Во Македонија се уште има вљубеници во овој модел, кои ги чуваат своите олтајмери и учествуваат на изложби и дефилеа.