Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Денеска, ден пред утрешните избори, гласаат затворениците, лицата во притвор, болните лица, лицата кои се лекуваат од ковид-19 и оние на кои им е одредена мерка самоизолација, како и немоќните лица.
За лицата кои гласаат во своите домови, гласањето ќе го спроведе посебен избирачки одбор формиран од ДИК, а затворениците гласаат таму каде што ја издржуваат казната.
Лицата кои се на издржување казна затвор или се во притвор гласаат во казнено-поправните домови. Лицата кои се на издржување мерка куќен притвор ќе гласаат во местото каде ја издржуваат мерката, внатрешно раселените лица гласаат во колективните домови и прифатните центри каде се сместени. Еден ден пред денот определен за одржување на изборите гласаат и лицата кои се згрижени во посебни установи за вонсемејна грижа. Тие гласаат во установата каде се згрижени.
На полноќ заврши изборната кампања во која партиите и коалициите ја претставуваа својата понуда пред граѓаните, и на полноќ почна молкот пред неделниот втор круг од локалните избори. Во вториот круг ќе се гласа во вкупно 44 општини. Право на глас имаат 1.353.990 избирачи на 2.481 избирачко место.