Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Меѓународниот театарски фестивал – Денови на комедијата во Куманово од оваа година ќе биде со натпреварувачки карактер. Претставите ќе ги оценува стручно жири избрано од советот, кое ќе прогласи најдобра претстава, женска и машка улога, потоа сценографија, костимографија и режија.
Организаторот, Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ подготвува повеќе новини за посетителите, но и за учесниците на фестивалот.
„Годинава планирана е и тркалезна маса, на која ќе присуствуваат режисери, глумци, кои најчесто работат во фахот – комедија, и токму ќе зборуваат за тој жанр. Се обидуваме да го подигнеме фестивалот, покрај претставите, во кои ужива публиката да има и пропратни содржини за оние што се директно инволовирани во креирањето на содржините и кои живеат за и од уметноста. Подготвуваме и по некое изненадување“, вели Сашо Тодоровски, директор на НЦУК “ Трајко Прокопиев“.
Подготовките за отварањето на јубилејното 25-то издание на фестивалот, кое е закажано за 28 септември се при крај, а оваа година публиката ќе има можност да види 12 претстави.
Фестивалот ќе го отвори претставата “Приватни животи“ на Градскиот театар од Винковци, потоа следуваат “Власт“ на Народниот театар од Штип, “Да инспекторе” на Прилепскиот театар, “Славна Флоренс“ на Атеље 212, “Повикај го М поради уживање“ од Белград , “Паника во хотел Палас“ – Струмица, бугарската претства “Слузбогонци “ , “Сомнително лице“ на Приштинското народно позориште , “Малиџано“ на Народниот театар од Битола, албанската драма “Малограѓанска свадба“ на Театар Тетово, “Слуга на двајца господари“ од Велес и на крај најновата премиера на кумановци “Секс и лаги”, која е во подготовка. Планирано е да има и стендап вечери од локални дипломирани актери, кои ќе се претстават пред публиката.
„Иако се работи под отежнати услови, среде економска и енергетка криза, се обидевме да направиме квалитетна селекција со која публиката ќе биде задоволна. Има голема заинтересираност на граѓаните, но капацитетот на салата на Центарот за културата е само 650 места. Во последните неколку години не се даваат гратис карти, не се примаат резервации и се продаваат карти по прнципот прв дојден прв услужен. Од годинава и ќе го ограничиме бројот на 2 карти, значи секој ќе може да купи само билет за себе и еден придружник“, додава директорот.
Денови на комедија се одржуваат со финансиска помош од Министерството за култура, кое обезбеди 1 милион денари и 400 илјади денари од Општина Куманово, како и со спонзори од градот.
О. Пешевска