Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Здружението за култура, заштита и унапредување на животната средина „Натуро“ Куманово, организира детска ликовна колонија во Основното училиште „11 Октомври“ во Куманово.
На колонијата учествуваат ученици од основните училишта од Куманово, а темата е „Фрагменти од мојата фантазија“. Делата ќе се изработуваат од еколошки матерјали и во посебна техника, а целта е децата од мали нозе да се едуцираат и да се борат за заштита на животната средина.
„На наше големо задоволство ние сме домаќини на првата детска ликовна колонија од ваков вид. Темата е многу интересна, се работи со специфични еко материјали и оваа комбинација е секогаш успешна. Се надеваме дека ќе излезат добри дела и творби од нашите ученици и нашите гости. Имено ние сме домаќини на осум училишта, бидејќи ова е прва од ваков вид колонија се надеваме дека ќе прерасне и ќе биде традиционална“, информираше Елизабета Костадиновска - Костиќ, директорка на училиштето„11 Октомври“.
На колонијата учествуваат ученици од повеќе училиштата „11 Октоври“,„Толи Зордумис“, „Кочо Рацин“, „Кирил и Методиј“ од Романовце, „Крсте Мисирков“, „Магдалена Антова“, по менторство на ликовни педагози.
„Планираме оваа ликовна колонија да прерасне во традиција, бидејќи има голем одзив од основните училишта од Куманово. Децата прават дела кои заслужуваат внимание. Идејата е децата од мали нозе да ги едуцираме во насока на заштита на животната средина по пат на култура. Тоа е основното мото на она што денеска се случува тука во училиштето“, изјави Драган Митевски.
Децата своите дела ги создаваат со еколошки, биоразградливи материјали, бидејќи здружението е за екологија и заштита на животната средина, што значи дека децата имаат пред себе еколошки материјали да состават една интересна ликовна творба којашто е со наслов „Фрагменти од мојата фантазија“.
„Интересно е што користат техника асамблаж, тоа е слична техника на колаж, на едно место да комбинираат повеќе видови на различни еколошки материјали“, објаснува Александар Стефановски.
Децата се задоволни што имаат можност да ја изразат својата креативност, своите уметнички квалитети и ликовни вештини. Велат дека учеството на колонијата е убава можност да се споделуваат искуствата, но и поттик за понатамошно ликовно творештво.
„Работиме на тема „Град од нашата фантазија“, со разноразни бои на колаж, хартија и картон. Имаме учествувано и претходно и сме многу задоволни и многу ни е интересно. Се запознаваме, бидејќи сме од повеќе училишта, се дружиме, споделуваме искуства“, рече Евгенија Атанасовска од ООУ „Кочо Рацин“.
Наредната колонија ќе се организира во училиштето на авторот кој ќе изработи најдобро дело и ќе победи на колонијата.
Здружението „Натуро“ оваа година ќе организира и обука за кратки анимирани филмови, поврзани со екологијата.