Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Најновата книга за деца „Чудесен дар во годишен календар“ на Ели Маказлиева промовирана е во Центарот за култура во Куманово.
„Кога пишувам книга за деца, првин јас создавам едно дело на кое му давам душа, во неа наоѓам утеха и одмор, релаксација, а потоа ја отворам вратата за децата. И децата тука го наоѓаат својот простор, своето место и ја развивам на тој начин фантазијата, имагинацијата кај децата преку игра, преку забава, со учење на нови зборови и поими“, истакна авторката Ели Маказлиева, инаку магистер по педагогија.
На промоцијата беа присутни дечиња од Градинката „Ангел Шајче“ од Куманово. Настанот беше интерактивен - малку се разговараше со дечињата, се читаше поезија и се зборуваше за тоа која е тајната со која писателот влегува во светот на децата.
Книгата не може да се натпреварува со компјутерите и вештачката интелегенција, но книгата никогаш не може да го загуби својот примат во развојот, растењето и воспитувањето на децата беше пораката упатена на промоцијата.
Промотор на книгата беше проф.д-р Кристина Николовска, која се осврна на содржината и структурата на книгата, циклусите кои се во неа.
„Чудесен дар во годишен календар“ е книга која ја доби наградата за Најдобра книга за деца и млади „Ванчо Николески“, која ја доделува Друштвото на писателите на Македонија.
„Многу ми значи таа награда затоа што целиот живот работам и творам за децата. Досега имам објавено 40 книги за деца и уште 20 книги со поезија и проза, но целото творештво се круниса со ова престижна награда“, заклучи Ели Маказлиева.