Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски денеска бил повикан во СВР Куманово на распит, поради предмет за исплата на плати и надоместоци на лица вработени во Општина Куманово.
Тој смета дека ова е класичен пример на злоупотреба од страна на поединци во МВР во партиско-политички цели.
„Според наводите во пријавата, иако од страна на вработените во Општина Куманово е постапувано согласно законот - платите се исплаќаат со децении и во општината методологијата на пресметка е иста, општината има потпишано и колективен договор со своите вработени. Но, дадов свој исказ, и по барање на лицата кои ја водат постапката ќе добијат дополнителни информации. СВР Куманово постапува по анонимна пријава. Во континуитет се случува истиот притисок на работењето на Општина Куманово и на мене како градоначалник. Целта е јасна-да бидам дефокусиран од моите секојдневни активности“, истакна Димитриевски, откако излезе од полицијата.
Градоначалникот вели дека сите анонимни пријави се отфрлаат, па затоа ги повика надлежните постапување против Н.Н лица кои лажно пријавуваат и поднесуваат пријави.
„По сите овие пријави нема отворена ниту една постапка.Па еве по допрен глас барам од Обвинителството да постапи и да отвори предмет и да ги откриеме кои се тие лица кои ги пишуваат ваквите анонимни пријави. Од друга страна сметам дека потојат големи можности дека се работи за чисти монтирани процеси. Како се наближуваат изборите така притисокот е се поголем“, додаде градоначалникот.
Тој тврди дека сите плати кои се исплатени се исплатени согласно позитивните законски прописи, во временски рок и Општината никогаш нема задоцнето со исплата на плати и согласно колективниот договор кои го има потпишано со надлежните синдикати и вработените.