Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Директорката на Детската градинка „Ангел Шајче“ во Куманово, Марина Алексовска денеска го обвини градоначалникот Максим Димитриевски дека еден месец не сакал да постапи по известувањето на управниот одбор за распишување на оглас за избор на нов директор, поради што Министерството за труд и социјална политика (МТСП) му ги одзело ингеренциите, но по два дена ги вратиле.
На денешната прес-конференција Алексовска тврдеше дека согласно член 123 од Законот за заштита на децата, градоначалникот е должен да ја започне постапката за избор на нов директор три месеци пред истекот на мандатот на актуелниот директор, но тој ги пробил сите законски рокови и самиот се довел во ситуација да остане без надлежности. Доставувањето за избор на нов директор му било испратено на 1 март.
„Одземени се ингеренциите откако во утврдениот рок не беше донесена одлуката за распишување на јавен оглас, за што е доказ архивата на градинката и на Министерството . По добивањето на решението за одзедмање на ингеренциите на 27 март тој постапува со молскавична брзина, и огласот го објавува на 31 март, датум кој е дискутабилен. Решението во нашата установа и во МТСП е доставено на 4 април. Иако реално е поминат рокот министерката Тренчевска му ги врати одземените ингеренции и го смета од него донесеното решение за уредно доставено“, објаснува Алексовска.
Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, вчера на прес-конференција обвини дека без причина му се одземени ингеренциите, исто како и пред четири години во време на избор директор во градинката.
Тој смета дека со ваквите постапки централната власт врши притисок врз локалната самоуправа при избор на раководни кадри за да постави свои кадровски решенија.