Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, по повод почетокот на новата учебна година, им посака среќен и успешен почеток на сите првачиња и наставници, нагласувајќи дека општината ќе додели субвенции на родителите кои запишуваат ученик во прво одделение за оваа учебна година.
„Како поддршка оваа учебна година согласно одлуката на Советот ќе доделиме субвенции на родителите кои запишуваат ученик во прво одделение во учебната 2023/24 година, во вредност од 2.000 денари за секое прваче за да можат да ги купат основните училишни работи. Ние ќе продолжиме да го поддржуваме воспитно-образовниот процес, а им порачувам и на родителите да се посветат на овој план. Исто така, посакувам бројот од 30 првачиња во ООУ „Толи Зордумис“, секоја година да се зголемува се повеќе и повеќе“, порача градоначалникот Димитриевски од училиштето во кое и тој го завршил своето основно образование.
Барањата за поддршка на првачињата можат да се поднесат во Општина Куманово или во училиштата најдоцна до 30 септември, откако детето ќе се запише во училиште. Како пристигнуваат уредно доставените документи од училиштата до општината, така етапно општината ќе врши исплата. Досега се поднесени околу 200 барања од 4 основни училишта.
„ Оваа учебна година запишани се вкупно 1079 првачиња во 16 општински основни училишта. Од прво до деветто одделение , пак, вкупниот број на ученици во овие училишта изнесува 9951 ученик“, информира Александар Јовановиќ, раководител на Секторот за образование.
Во прва година средно образование во 4 општински училишта – Гоце Делчев, Сами Фрешери, Перо Наков и Наце Буѓони ,пак, запишани се вкупно 917 ученици. Вкупниот број на ученици во овие училишта изнесува 3966 средношколци.
Димитриевски на наставниците како носители на образовниот процес им порача успешно да продолжат да ги пренесуваат своите знаења, создавајќи генерации со кои сите заедно ќе се гордееме, а Општина Куманово ќе продолжи со реализација на проекти за подобрување на условите во училиштата, нови спортски терени и подобри услови за сите ученици и наставници во Куманово.