Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Носителката на листата на граѓанската иницијатива „За наше Куманово“ Ивана Ѓорѓиевска да биде претседател на новиот Совет на Општина Куманово предлага градоначалникот Максим Димитриевски. За својот предлог ќе бара поддршка од сите политички партии и претставници во Советот.
„Заклучивме дека ќе го доставиме следниот предлог до сите, носителката на листа на концептот „За наше Куманово“ Ивана Ѓорѓиевска биде кандидатот за следен претседател на Совет на општина Куманово. Ќе побараме поддршка од сите советнички групи и сите претставници во Советот. Сметам дека треба да се обединиме позади едно име кое доаѓа од еден граѓански концепт, којшто нема да биде во функција на политиката, туку единствено ќе биде во функција на граѓаните“, кажа Димитриевски на денешната прес-конференција.
Во новиот Совет најмногу советници ќе има СДСМ - 10 , независната листа на Димитриевски - 8, ВМРО-ДПМНЕ - 7, ДУИ - 4, Алијанска на Албанците и Алтернатива двајца и Левица еден советник.
Димитриевски најави дека ќе се сретне и ќе разговарам со неговите противкандидати за да работат заедно во интерес на општината.
„Кумановчани мора да имаат квалитетни решенија, не смееме да ги разочараме, а знам дека моите противкандидати го имаат истиот став како мене. Ги повикувам сите мои противкандидати во понеделник во 14:00 часот на состанок кадешто ќе разговараме за нашите изборни програми. Ќе побарам суштинските проекти од нивните програми да се инкорпорираат во една заедничка програма и заедно во следните четири години да ги реализираме“, кажа Димитриевски.
Тој ги повика сите политички субјекти да покажат дека Куманово им е поважно од партиите и дека можат заедно да работат за својот град.