До петок граѓаните можат да пријават штети од невремето во Куманово
Граѓаните на Куманово кои претрпеа материјална штета од невремето, кое беше проследено со силен ветер и дожд, што го зафати градот минатата недела, имаат рок до 31 јули (петок) да поднесат барање за процена на штетата.
„Ги известуваме граѓаните кои претрпеле штета да поднесат барање до Комисијата за процена на вредност на штета од природни несреќи и други непогоди, кое се поднесува во архивата на Општината“, соопшти Општина Куманово.
Кон барањето потребно е да се приложат: копија од лична карта за физички лица, односно решение или тековна состојба од Централниот регистар за правни субјекти, копија од имотен лист за оштетениот објект, копија од трансакциска сметка на сопственикот, а пожелно е, но не e неопходнa фотографија од настаната штета.
Невремето, кое траеше во периодот од 20 до 26 јули, предизвика штети на станбени и деловни објекти, покриви, возила и инфраструктура на повеќе локации во градот и околните населени места.