Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски, Бране Петрушевски и Дафина Стојановска, денеска во Куманово се сретнаa со дел од угостителите и со уметниците чии професии се најпогодени во пандемијата.
Притоа обвинија дека власта тешко се справува со проблемите што ги донесе коронавирусот и не презема ништо за да се подобри животот на граѓаните. Куманово го сметаат за општина со голем број на проблеми.
„Граѓаните имаат доста проблеми, еве и денеска од угостителите можевме да слушнеме дека сите оние мерки што се најавуваат сепак не допираат директно до нив. Веќе петтиот сет што го најавуваат се уште не е испорачан. Навистина имаат големи проблеми и бараат само едноставно власта да ги слушне. Затоа ние даваме целосна поддршка на угостителите не само како пратеници, туку и како партија, да им се излезе во пресрет,“ истакна по средбата Мисајловски.
Мисајловски истакна дека државата мора да има слух за потребите на угостителите, бидејќи голем број на работни места зависат од мерките и одлуките што ќе се преземат.
Пратениците во Куманово се сретанаа и со уметникот Синиша Кашавелски и музичарот Боби Серафимовски при што поразговарале за проблемите и предизвиците со кои се соочуваат нивните професии. Кашавелски и Серафимовски се членови во раководството на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Куманово.
На новинарско прашање во однос на проблемите со набавката на вакцини, Мисајловски изјави дека надлежните треба да си поднесат оставка поради тоа што ги оставија граѓаните без вакцинација од коронавирус. Тој очекува да има предвремени парламентарни избори, кои ќе се одржат наесен заедно со локалните.
(Д.Д.)