Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски денеска им ги додели сертификатите на 20 негувателки, кои ќе се грижат за старите и изнемоштени лица во Крива Паланка. Тие ќе бидат ангажирани преку проектот „Одговорни институции-среќни граѓани“, што го реализираат Општина Крива Паланка и Општинската организација на Црвен крст од Крива Паланка, со финансиска поддршка од Министерството за труд и социјална политика, во висина од 11.034.000 денари, обезбедени преку грант од Светска Банка, во рамки на глобалниот проект„Подобрување на социјалните услуги“.
Сертификатите им се доделени по успешно спроведената обука од страна на Општинската организација на Црвен крст Крива Паланка, која е верифицирана за образование на возрасни, односно за реализација на посебната програма за обука и сертифицирање на негуватели во домашни услови за стари лица и лица со попреченост.
„Крива Паланка е единствена општина која ги децентрализира социјалните услуги на овој начин и делува на локално ниво за испорачување на квалитетни услуги на ранливите групи. Не се сомневам дека негувателките ќе обезбедат соодветна грижа и нега за старите и изнемоштени лица, а ние како општина и во иднина ќе ги унапредуваме услугите за опфаќање на се поголем број на целни групи“, истакна градоналникот Мицевски.
Проектот вклучува вкупно 40 стари, изнемоштени и осамени лица од Општина Крива Паланка, кои не се во можност да обезбедат основна социјална и здравствена грижа, а кои ќе добиваат бесплатна нега и помош во домашни услови од страна на сертифицираните негуватели.
Давател на услугите на оваа ранлива група е Општинската организација на Црвен крст Крива Паланка, која веќе имаат големо искуство во оваа област.
„Старите лица ќе добиваат помош и поддршка во нивниот секојдневен живот до 80 часа месечно. Услугите предвидуваат помош при извршување на основните активности како што се лична хигиена, облекување, хранење, мобилност во домот и слично, но и набавка на продукти, чистење, перење, поправки, земање на лекарска терапија и друго.Целта е тие да продолжат да живеат во сопствениот дом и да водат независен живот во заедницата, посочи Дарко Пешовски, секрета на Општинската организација на Црвен крст Крива Паланка.
За потребите на проектот веќе е опремен соодветен простор и набавена е потребната опрема, а наскоро ќе биде обезбедено и соодветно возило, наменето за ангажираните лица и за потребите на корисниците.