Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Режисерката Бојана Краљевска Стојков и сценографот Крсто Богојевски, се прогласени за најдобри во својата категорија на фесивалот за деца и млади „Малиот Принц“ во Штип. Тие работеа на претставата „Црвенкапа“ на Театар Куманово,која својата премиера ја имаше во септември.
Посебно задоволство за режисерката Бојана Краљевска Стојков е што првата награда за режија ја добива токму за детска претстава и со овој ансамбал.
„Ова е прва моја награда за режија, иако имало прилики кога актери или други членови од ансамблот добивале награди во претстави под моја режија. Убаво беше да се работи со инспириран и инспиративен тим, за да се создаде мотивирачко и анимирачко дело за најмалата публика.Целта ни беше да ја пренесеме суштината, на некој начин да оддржиме лекција на децата дека секогаш треба да бидат доблесни- неспорно е дека треба да бидат љубопитни, но и одговорни во одржување на своите ветувања кон најблиските, затоа што токму тие се оние кои најмногу и најискрено се грижат за нив. Многу ми е драго што имаше толкав одѕив меѓу публиката, но и за тоа што и фелата го препозна квалитетот на сработеното. Морам да нагласам дека најголема заслуга има директорот Сашо Тодоровски, кој безрезервно застана зад проектот. Ние секако ќе сработевме, но прашање е дали ќе имавме ваква квалитетна и успешна претстава без неговата поддршка“, истакна наградената режисерка Краљевска Стојков.
Фестивалот „Малиот принц“ се оддржува по 11-ти пат, а годинава во конкуренција биле 5 претстави, вклучително и кумановската. Со свои претстави локалната театарска група настапува третти пат, а куриозитет е што наградата за најдобра сценографија се добива две години, последователно.
„Па така се наредија коцкичките и така одлучило жирито, на мое задоволство. Одевме на модерна, минималистичка сценографија, која по потреба кога ќе се игра на поголема сцена може да се надоградува и да ја дополнува сликата.Но, со овој принцип пак имаме поголема мобилност, полесно можеме да ја пренесеме и да ја одиграме на било која сцена, во било кој град“, потенцира Крсто Богојевски, кој и минатата година ја доби наградата на истиот фестивал.
Драматизацијата за „Црвенкапа“ е на Сашо Костовски, а музиката е на Јован Цветковиќ. Во претставата играат Александра Михајловска, Никица Јанковски, Матеј Стојковски, Владанка Крстевска и Анастасија Величковиќ.
Досега „Црвенкапа“ се одиграла десетина пати, но веќе од јануари ќе биде поставена на малата сцена во Центарот за култура во Куманово.