Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Eден нов случај со ХИВ/СИДА е регистриран во Куманово во 2023 година. Во Крива Паланка и Кратово нема новоинфицирани.
Од 1987 година до крајот на ноември годинава во Куманово се потврдени 29 случаи на инфицирани лица,од кои има 5 починати лица.
„По процентуална застапеност предничат лицата од машки пол со повеќе од 89 насто, а жените се застапени со 10,6 проценти.Најчестиот начин на пренесување е сексуален контакт со заразено лице и тоа преку хомосексуален контакт со 60 % и хетеросексуален начин на пренос со 33 проценти. Инциденцата на смртност е околу 20 проценти“, истакнува епидемилогот д-р Едита Рамизи од ЦЈЗ Куманово, по повод 1 декември - Светскиот ден на борбата против болеста.
На национално ниво има 46 новорегистрирани, за разлика од 36 минатата 2022 година. И во светски рамки постојат земји кои пријавуваат тренд на зголемување на нови инфекции, иако претходно имале тренд на опаѓање.
Во однос на возрасната дистрибуција на случаите регистрирани во 2023 година, возраста на новорегистрираните случаи се движи од 20-59 години, а најголема застапеност е кај возрасната група од 20-29 години и 30-39 години.
Месечно за тестирање се јавуваат од 100 до 150 лица по епидемиолошки индикации, клинички тестирања, за време на бременоста или за патување. Постои и теренско ХИВ советување и тестирање, па интравенските корисници на дрога се во голем број тестирани.
ЦЈЗ Куманово главно работи на едукација и советување, но голем удел има и невладиниот сектор во тој сегмент.
„Подигната е свеста кај новите генерации, има помалку ризично однесување благодарение на овие мерки“, вели д-р Рамизи.
Во државата уште постои општествената стигма за ХИВ позитивните, па многумина тестирањата ги прават во Скопје, на приватните клиники или во странство. Затоа многумина и не влегуваат во официјалната статистика, па се стравува дека бројката е поголема.
Епидемиолошката служба на Центарот за јавно здравје во Куманово ја следи состојбата со инфекцијата на ХИВ/СИДА на подрачјето на општините Куманово, Липково, Старо Нагоричане, Крива Паланка, Кратово и Ранковце.