Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Повеќе од една година тече вода во шахта во близина на железничката пруга во Проевце, тврдат жителите на кумановската населба. Тие велат дека проблемот повеќепати го пријавувале во ЈП „Водовод“ Куманово, но надлежните не преземале ништо да го решат.
„Пријавен е дефектот, објаснето е дека истекува вода, иако и претходно без број пати е пријавувано. Знаат дека тоа е нивна шахта, мини фармите во близина имаат сатови и редовно си добиваат сметки. Пукнато е цевка пред шахтата, по наша слободна процена. Има огромна количина на истечена вода, направена е мала брана, базенот се наполни за два дена, сигурно има 20-30 кубика вода. Тоа е огромна загуба“, вели Вера Станковска.
На почетокот количините на вода биле помали и се полнела само шахтата, но со тек на времето пукнатината се проширила и започнала да истекува повеќе вода.
Работниците кои работат на изградба на железничката пруга го прочистиле каналот и ја насочиле водата да истекува кон куќите на влезот во населбата. Сега се собра поголема количина вода која фатила жабокречина, се зголемил бројот на комарци, започнала и да се чувствува непријатна миризба.
„Првин реагираа соседите над нас, ама сега и ние сме засегнати и се повеќе куќи се соочуваат со овој проблем“, дополнува Наталија Димишкова.
Каналот со вода по неодамнешните обилни врнежи нанеле големи количини на камења и чакал на новата улица, па автомобилите биле принудени да се движат по малиот тротоар. Веќе од водата рабниците на тротоарот и бетонот кој е под нив е поткопан, а асфалтирањето на улицата е завршена пред неполни 2 месеци. Според тврдењето на соговорниците со случајот е запознаена и претседателката на советот Ивана Ѓорѓиевска.
Од ЈП „Водовод“ велат дека во најскоро можно време ќе го санираат пријавениот дефект. Според нив не се работи за голема интервенција, ветувајќи дека ќе се разреши состојбата во наредните неколку дена.