Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Ајде народе, еден бостан колку едно пиво! Едно пиво - пола пена пола горчи, еден бостан - десет ока мед!
Навали народе, сега му е мајката! Кој ќе касне ќе порасне! Уште денеска сме во Куманово народе-е-е-е!
Како оди шефе, го прашуваме струмичанецот, јако црно мажиште со лопатести раце во кои зрната лубеници од по десеттина - петнаесет кила се небаре пинг-понг топчиња. Така вешто и лесно манипулира со лубениците во полната приколка. Не дозволува да влезе во кадарот на нашата камера со своето видно уморно, неизбричено и испотено лице. Не сака да си има непријатности со инпспекциите.
Слабо брат, слабо. Незнам што му е на народот да не јаде ваков бостан. Седум дена сум на тротоаров, а како што гледаш приколкава одвај е начната. И постојано на штрек. Не‘ бркаат, ни‘ се закануваат, не пцујат.
Море, јаде народот, не е да не јаде. И прејаден е. Никој не е кабает што Македонија не може толку да изеде колку што Струмица може бостан да роди. И не само бостан. Само, чуму? Тие што треба да му ја мислат за хавариите со производството и пласманот на шербет лубеници и зрело грозје, берат зелени за крупни политики, за глобални кризи, за коалиции, за лустрации...