Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Пензионерите во последните неколку дена навалија на шалтерите на Општина Куманово и во просториите на Здружението на пензионери за да се распрашаат кои документи се потребни за да добијат еднократна парична помош,која наводно им следува на пензионерите со ниски примања. Од здружението и од Одделението за социјална заштита на Општина Куманово ја демантираа ова вест и нагласија дека ваквата еднократна парична помош од 6.000 ден воопшто не е предвидена во општинскиот буџет за и е чиста шпекулација. Еднократна парична помош општината доделува на социјално загрозените , но тоа е по строги,пропишани критериуми и може да се земе еднаш во годината.
,,Чувствуваме и имаме должност да излеземе пред јавноста со објаснување во врска со начинот на остварување на право на користење на средства во вид на еднократна парична помош во натура. Во изминатиов период од неколку дена има многу шпекулации и дезинформации во врска со пензионерите и пристигнуваат барања за парична помош од 6000 денари од општината кое го немаме ниту во програмата,ниту е објавенона некаде. Има најави од Владата за антикризни мерки, но за сега се уште нема таква одлука”, појаснува Александар Крстевски,раководител на Одделението за социјална заштита во Општина Куманово.
Ова го портврди и претседателот на Здружението на пензионери од Куманово Благе Јакимовски.
,,Ја забележавме гужвата што се направи, пензионерите доаѓаат и во здружението. Но, засега нема таква најава од општината. Се најавува дека ќе има некои мерки, како за стопанството, така и за ова категорија на граѓани,меѓутоа, се уште нема такво нешто” истакна Јакимовски.
Еднократна парична помош од буџетот на општината,како социјална мерка, се дава на лица и семејства од социјален ризик заради зголемена потреба од подолго лекување во институција во државата или странство, оперативен зафат, социјална загрозеност поради смрт во семејството итн. За лицата или семејства на кои им се неопходна помош во износ од максимални 15.000 денари, утврдени врз основа на приложена документација, за секоја категорија поединечно, по извршен увид од комисија, се излегува на терен, се врши категоризација, по што следува одговор. За пензионерите има мерка за субвенциониран градски превоз и тоа за оние со пензија од 13.000 денари.