Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Насоката за фармацевтски техничар воведена за првпат минатата учебна година и новата струка дентален асистент која почнува од оваа учебна година, се струките кои предизвикуваат најголемо внимание за запишување во прва година во Државниот средношколски центар „Киро Бурназ“ од Куманово.
Атрактивна е и сообраќајната струка на која се запишуваат 25 ученици, а наставата се одвива на македонски јазик, покажа мониторингот на „Отворениот ден“ на средното училиште во кој деветооделенците се информираа за понудата што ја нуди училиштето.
Оттаму велат дека најголем интерес има за дефицитарните занимања од четиригодишното образование.
„Во новата насока од здравствената струка - дентален асистент, настава ќе следат по 25 ученици во две паралелки, едната на македонски, другата на албански наставен јазик. Исто така, иако во првичниот конкурс не беа предвидени уписи за насоката за фармацевтски техничар, се изборивме и за неа, така што втора година по ред продолжуваме да запишуваме ученици во оваа струка. Предвидени се паралелки на македонски и албански наставен јазик со по 25 ученици, како и паралелка со 34 ученици кои наставата ќе ја следат на српски јазик“, изјави Весна Трајковска, директорка на средното училиште.
Во училиштето има две лабаратории, а наставните помагала се компатибилни за практична презентација и за земјоделските и за медицинските струки, така што учениците добиваат комплетно образование. Преку дуалното образование, или учење преку работа, пак, целосно се комплетира образовниот процес и се продуцираат остручени и квалитетни кадри, конкурентни на пазарот на труд.
Уписите нудат место за вкупно 468 нови ученици кои можат да изберат меѓу земјоделско-ветеринарната струка со насоките агротехничар / техничар за агроменаџмент и техничар по ветеринарна медицина / техничар за фитомедицина, потоа за хемиско-технолошката струка со насоките за прехрамбен техничар,техничар за козметички и хемиски производи и пекар, од струката за лични услуги се нудат техничар за козметичка нега и убавина, и фризер, а за машинската струка-машински техничар за моторни возила.
Во сообраќајната насока, пак, се едуцираат кадри за техничар за патен сообраќај, а здравствена струка за дентален асистент и фарацевтски техничар.
Според статистиките, насоките со тригодишно средно образование привлекуваат најмалку заинтересирани кадидати.
„Се намалува интересот за пекар, на пример, иако е дефицитарно занимање со кое лесно се наоѓа работа по матурирањето и тоа со навистина конкурентни плати за наши услови“, објаснува Трајковска.
Средното училиште „Киро Бурназ“ важи за реномиран средношколски центар, со квалитетна настава и успешно образование кое го нуди на учениците. Високо котира и кај службените оценувачи и кај учениците кои претендираат да се запишат токму таму, па слободните места главно се пополнуваат во првите два уписни рока, зависно од насоките.