Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Советничката група на СДСМ и коалицијата реагира на лошите резултати во финансиското работење на јавните претпријатија во Куманово, кои беа презентирани на последната седница на Советот на Општина Куманово, а се однесуваат на услугите кои им се даваат на грѓаните.
На последната седница се расправаше по 93 точки меѓу кои и за работењето на јавните претпријатија: Водовод, Чистота и зеленило, Пазариште, Куманово гас, Куманово паркинг и Куманово план.
„Финансиските квартални извештаи на сите јавни претпријатија се за жал катастрофални, негативни, и тоа го докажува лошото водење и менаџирање со градот од страна на ова непринципиелна и неспособна коалиција на власт. Од друга страна се доведува во прашање конечната услуга која граѓаните ја добиваат како даночни обврзници. На дневен ред беа и предлог- плановите за вработувања за 2025 година, во јавните установи и Општината. Доминираат унапредувањата во службата без работни места кои се потребни и дефицитарни, за кои немаат план, ниту визија како да се раелизираат во иднина. Со тоа докажуваат дека ова коалиција на власт што веќе трета година покажува дека не ја води и не ја менаџира Општината, односно јавните установи и институции како што треба“, кажа Александар Јовановски, координатор на советничката група на СДСМ и коалицијата на прес конференција.
Тој додаде дека лошите резултати се правдаат со зголемувањето на минималата плата, растот на цените, кои според Јовановски, се паушални изјави кои не се поткрепени со анализа и методологија.
„Досега имаше само еден случај кога директор пред советниците покажа вистинска анализа, со вистински трошоци и расходи. ЈП Чистота и зеленило веќе одреден период кубури со финасииите, таму и по основ на тужби состојбата е многу лоша, голем број на вработените кои тужеле не се исплатени. Ние сме отворени за разговор, ќе седнеме и на комисии ќе разговараме, меѓутоа нашиот став оди во заштита на јавниот интерес и пред се интересот на граѓаните. Дополнително оптоварување без зголемување на услугата, давање на нова или подобрување на постојната за нас е тотално неприфатливо“, додаде Јовановски.
За советниците на СДСМ и коалицијата спорни се и барањата за зголемувања на цените во Домот за стари лица „Зафир Сајто“ само за неподвижните корисници, за што сметаат дека е дискраминаторска одлука, за категорија која не постои според Законот за социјална заштита. Тие тврдат дека постои основа за кривична одговорност на директорот и дека одлуката ќе ја оспорат пред Уставниот суд. Неприфатливо им е и зголемувањето на цената на гробарината на „Чистота и зеленило“, како и одлуката за измена и дополна на ДУП-от на парцела која се наоѓа на потегот меѓу улицата Пиринска Македонија, булеварот Октомвриска револуција и улицата Иво Лола Рибар, или популарно на кумановски кажано К4 згради, каде според стариот ДУП, била предвидена трговска единица.
Јовановски ја поздрави инцијативата на жителите на населбата Карпош за решавање на прашањето за гробиштата, што е нивен децениски проблем. Притоа потсети дека советничката група на СДСМ и коалицијата досега го поставувала ова прашање меѓутоа не наишле на разбирање од општинската администрација. За проблемот се дискутирало откако реагирал Народодниот правобранител.
Опозицијата реагира и на големиот број на точки кои се најдоа на дневен ред на последната седница на Советот на Општина Куманово, поради што сметаат дека граѓаните не можат целосно да се запознаат со одлуките.
„Имајќи ја предвид обемноста на седниците цениме дека се премногу долги со премногу точки на дневниот ред кои често пати и физички е невозможно да се испрати целата седница, граѓаните остануваат незапознаени со одлуките кои се носат“, смета Јовановски.
Тој најави дека како опозиција ќе воведат нова пракса на комуникација со јавноста и по секоја седница ќе информираат за новите одлуки и за нивните политички ставови во однос на нив.