Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Кумановци се во трка за прибирање на фискална сметка за учество во наградната игра “Со фискална в рака, награда без мака“.
Ако порано сметките остануваа на каса или ги фрлаа во канта, сега ги собираат и сметките кои купувачите пред нив ги зборавиле, раскажуваат продавачите.
Од првиот ден откако објавија за наградната игра почнаа муштериите да собираат сметки. Купуваат еден производ кај нас, друг во друг дуќан само да земат повеќе сметки. Јас лично нема да учествувам бидејќи не верувам во Дедо Мраз - вели продавачка.
Најажурните веќе пратиле по неколку коверти со фискални за наградната игра.
Пратив пет пликоа. Вчера пред мене еден човек испрати дури 18 пликоа. Сите дома собираме сметки од почеток на декември, исто и блиските, роднини, пријатели, соседи. Купуваме на мало за да има повеќе на број фискални. Се надеваме на награда. Било што да добиеме ќе бидеме задоволни - рече Виолета Додевска, граѓанин.
Сите слушнале дека досега во Државна лотарија на Македонија пристигнале 60 вреќи со пликоа, но се надеваат дека на 30 декември ќе добијат скромна награда.
Еден велосипед да ми се падне пак е добро. Јас пратив 2 плика на име на внуците. Имаме собрано уште 12 сметки и планирам уште едно плико да пратам. Јас пазарам за дома и дневно собирам 2 - 3 сметки секако - кажа Драгиша Димковски, пензионер.
Сметките кои ќе стигнат до 29 декември на адреса на Државна лотарија на Македонија , бул. “Гоце Делчев“ бр. 8 поштенски фах 363 со назнака дека се за наградна игра ќе учествуваат во извлекувањето на 30 декември.