Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Куманово е формиран Книжевен клуб на млади ентузијасти вљубеници во литературата и пишаниот збор, кој е отворен за сите млади лица од градот.
На основањето на клубот беа присутни дванаесетина млади, главно студенти.
„Дојдовме до идеја да формираме Книжевен клуб на Куманово, како место каде ќе се собираат млади луѓе кои имаат желба да пишуваат и љубов према пишаниот збор. Имаме официјална Инстаграм страна Книжевен клуб Куманово, објавуваме дела од млади писатели и поети кои се пријавија. Здружението е отворено, кој сака може да се придружи, волонтерско е и без наплата на членарина“, истакна Андријана Ѓоргевска, која беше избрана за претседател на друштвото.
За заменик претседател е избран поетот Андреј Анѓеловиќ, а за секретар Софија Величковска.
Центарот за култура Куманово застанал зад иницијативата и на младите и им отстапи простории за собирање и работа. Вакви младински клубови постојат во други држави, членовите на друштвото веруваат дека ќе ги поттикне младите повеќе да пишуваат.
„Во Македонија има доста млади луѓе кои пишуваат, само не се истакнати и за нив нема каде да се чуе. Можеби им недостига и самодоверба, но и простор за медиумска промоција“, истакнува Ѓоргевска.
Таа вели дека имаат доста идеи за настани, литературни читања. Во иднина секако ќе побараат финасиска помош и поддршка од надлежните и локални и национални институции.
Андријана Ѓоргевска минатата година ја издала „Зад очигледното“, збирка на кратки текстови. Студентка е на Факултетот за безбедност во Скопје.