Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Занетчискиот дом во Куманово, утре во 18.30 часот ќе се одбележи 75-годишното постоење на Фото Кино клуб Козјак-Куманово. Богатата програма предвидува проекција на филмови, изложба на фотографии, се она што ФКК Козјак го творел и придонел во текот на изминатите години, па се до ден денес.
„Публиката ќе има можност да види фотографии, филмови, мигови од реалноста, специфичен вид на сведоштва за она што, низ уметничката перспектива на нашите членови, значи да се биде овде и сега. Овие манифестации имаат за цел да го презентираат и надополнат естетскиот сенс за уметничката фотографија и филм, кој го гради нашиот клуб повеќе од половина век. Изложените дела се показател на сериозноста и посветеноста со која и пристапуваме на оваа уметност и претставуваат уште еден доказ за оправданоста на интернационалното реноме кое го има клубот“, стои во поканата на ФКК Козјак Куманово.
Во текот на ова година клубот организираше низа на настани започнувајќи од „Мајски салон 2023“, насловена „Различни погледи“-заедничка изложба со дела на автори од збратимениот Фото клуб „Марибор“ од Словенија. Во настаните се вбројува и 5-то издание на Меѓународниот фестивал на краток филм „Филмај 2023“ на кое учествуваа автори од 45 земји, со 196 филмови.Уште една традиционална, меѓународна манифестација е „Фото салон 2023“ на кој учествуваа 115 автори од целиот свет,а првото издание на салонот е одржано во 1962 година.
Покровители на манифестацијата се Министерство за култура и Општина Куманово,под патронат на Фото Сојуз на Македонија.