Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, вечерва во 20 часот матурантите од Гимназијата "Гоце Делчев" повторно ќе ја играат претставата „Тој мое срце лупа за тебе“, во режија на Евгенија Петрушевска, под менторство на професорка Соња Тодоровска, како преработка на филмот "Лаење на ѕвездите", а целиот приход ќе биде уплатен на семејството Лазаревски за лекување на малата Теодосија, во Турција .
„Многу сум горда на своите ученици од кои потекна идејата претставата да биде хуманитарна и средствата да се искористат за лекување на нашата мала сограѓанка Теодосиј, која се соочува со сериозни здравствени проблеми. Сите со задоволство го прифативме предлогот и се договоривме да има уште една претстава. Како за првата представа така и вечерва распродадени се сите билети“, кажа професорката Тодоровска.
Таа додава дека матурантите од нивното училиште и оваа година своето образование го крунисале со драмска изведба, а младите актери ја воодушевиле публиката.
„Знаењето, хуманоста и креативноста отсекогаш биле одлики на нашите матуранти и на големите луѓе. Овие млади луѓе со својот талент, сериозност и емоција, не насмеаја, не замислија, не пофалија за секоја лекција, за секој убав збор и за секој ден поминат во училишните клупи. Горда сум на моите Гимназијалци, на овие млади и големи луѓе, кај кои успеавме да вградивме големи вредности. Тоа се нашите млади девојки и момчиња со големи срца кои ќе го менуваат светот и кројат општеството според вистинските вредности“, додаде Тодоровска.
Од премиерата на претставата минатата недела биле донирани 60 илјади денари, а толку се очекува и вечерва.