Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Алејата на великаните на гробиштата во Бутел денеска во 13 часот ќе биде погребан Киро Глигоров, првиот претседател на независна Република Македонија.
Владата вчера одржа седница на која одлучи денешниот ден да биде прогласен за ден на жалост.
По повод смртта на Глигоров комеморативни седници ќе се одржат во Собранието на Република Македонија и во седиштето на СДСМ.
Телеграми со сочувство до семејството упатија претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов, премиерот Никола Груевски и претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, како и странски политичари.
Глигоров почина завчера во својот дом во Скопје на 94 години. Роден е на 3 мај 1917 година во Штип. Беше претседател во два мандата од 1991 до 1999 година. За претседател на Република Македонија беше избран на 27 јануари 1991 година од страна на Собранието, а по втор пат на 19 ноември 1994 на претседателски избори. Функцијата претседател ја извршуваше до 19 ноември 1999 година.
По пензионирањето Киро Глигоров беше активен како публицист. Глигоров е автор на неколку дела, главно пишувани по завршувањето на неговиот мандат како претседател - „Македонија е сè што имаме“ (2001), „Атентат - ден потоа“ (2002), „Виорни времиња: Република Македонија реалност на Балканот“ (2004) и „Сите југословенски (стопански) реформи“ (2006). Тој е основач и на фондацијата „Киро Глигоров“.
Беше најстариот македонски политички функционер. На 17 ноември 1999 година, кога заврши неговиот втор претседателски мандат, тој имаше 82 години, а во 2000 година Гинисовата книга на рекорди го забележа Глигоров како најстар претседател на држава во светот.
Во 1991 година ја предводеше Македонија која по мирен пат се осамостои од дотогашната Социјалистичка Федеративна Република Југославија во која Глигоров извршуваше високи државни функции. На 8 април 1993 година Глигоров првпат се обрати на македонски јазик на говорницата на Обединетите нации кога Република Македонија стана 181. членка на ОН.
На 3 октомври 1995 година во 9 часот и 50 минути преживеа атентат со автомобил-бомба поставен на улицата Македонија во непосредна близина на хотелот „Бристол“. Се уште не се познати ниту нарачателите ниту извршителите на атентатот.
Во 2005 година стана прв носител на „Орденот на Република Македонија“. (MИА)