Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Понеделник е последен ден за поднесување годишна даночна пријава за персонален данок на доход.
Управата за јавни приходи соопштува дека поради тоа што 15 март, до кога треба да се пријави персоналниот данок, паѓа во неработен ден, пријави ќе примаат и на 16 март.
Во сабота регионалните дирекции и даночните одделенија ќе работат до 14 часот, а во понеделник вообичаено од 8:30 до 18 часот.
До вчера во Куманово се поднесени 14.755 годишни пријави. Последниве неколку дена зголемен е бројот на граѓани кои поднесуваат пријави и се надевам дека сите навремено ќе ја завршат обврската. Ние работиме и утре и во понеделник. И покрај метежот што го имаме работата оди брзо, - вели Сузана Стошевска-Николовска, раководител на даночното одделението Куманово и портпарол на УЈП регионална дирекција Штип.
Годишната даночна пријава може да се поднесе и преку пошта, во еден примерок, на адресата на надлежната регионална дирекција на УЈП, на која, според местото на живеење, припаѓа граѓанинот.
До 11 март на централно ниво биле поднесени 283.338 годишни даночни пријави, од кои 1.451 по електронски пат.