Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
На годишното собрание на ИПА Регион Куманово, викендов учествуваа педесетина делегати од регионот, делегации од странство, како и гости од останатите ИПА региони од државата.
На собранието се разгледуваше извештајот за работата во текот на 2023 година, а беше усвоена и програмата за наредната 2025 година.
„На седницата на собранието беа разгледани, дискутирани и усвоени повеќе важни точки и прашања кои што се однесуваат на тековното работење. Бевме почестени со присуството на претставници од збратимени региони како што се Лесковац и Косовско Поморавље, Србија, од Алба Јулија од Романија, од Молдавија и за прв пат имавме гости од претставници на полициската асоцијација од Полска. Од Македонија ни гостуваа колегите од Штип и Струмица“, истакна претседателот на ИПА регион Куманово, Горан Маневски.
На собранието присуствуваа Игно Стојков- претседателот на ИПА Македонија, Орце Јовановски- Скопје, Зоран Велкоски од Прилеп и Никица Петрушевски, началник на СВР Куманово.
Стојков најави дека во ноември и декември планирани се бројни акции, со кои ќе се заокружи работата на здружението во тековната година. Најпрвин со одбележување на Мовенбар- месецот на машкото здравје, кое започнало со предавање на лекар пред 60-тина членови во Спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје, а до крајот на месецот закажани се и неколку крводарителни акции.
Во декември планирани се посети на детските одделенија во болниците во сите градови, каде на децата ликови од анимираните филмови ќе им поделат новогодишни пакетчиња, но и посета на центрите за деца со посебни потреби, за деца од улица, посета на социјално загрозени семејства.
Основни цели на ИПА асоцијацијата се организација на семинари, обуки за членовите и граѓаните, учество во културни и спортски активности, обезбедување на социјална и секаков друг вид на помош на членовите и нивните семејства и дружење на членовите на ИПА, со што се охрабрува професионалнта соработка на полициските службеници и лично пријателство меѓу членовите за меѓусебна помош и поддршка.
На годишното собрание беа доделени и благодарници за соработка и поддршка на здружението ИПА Регион Куманово на повеќе правни субјекти, организации и медиуми од градот.