Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Изложбениот салон на Центарот за култура “Трајко Прокопиев“ – Куманово, синоќа беше отворена традиционалната изложба “Самоуки 2023“.
На изложбата беа претставени вкупно 64 дела на 31 автор на слики во масло на платно, акрил и комбинирана техника, цртежи ( молив, туш) и скулптури ( дрво, метал, глинамол).
Учесниците велат дека со задоволство се пријавуваат на изложбата, бидејќи тоа е убава можноста да изложат и да се претстават пред публиката.
„Уметноста може да пружи многу радост, топлина, мир, да лекува. Ги охрабрувам и присутните уметници да продолжат да работат, да не застануваат, да не потклекнуваат пред препреките. Посебно оние другите кои длабоко во себе имаат порив, желба за некакво уметничко изразување, да се осмелат и да не се сомневаат во својот талент. Јас еве трет пат сум присутна на оваа изложба и секој пат сум пресреќна и презадоволна и од одѕивот и од комплиментите што ги добивам. Тоа е голем поттик и ветер во грб да го работам она што го сакам“, изјави на отворањето Елизабета Накевска, авторка.
Од
Центарот за култура велат дека интересот за оваа изложба е секогаш голем, и тие со задоволство даваат поддршка на овој проект.
„Ова е еден вистински бренд на културата и уметноста за градот. Мислам и дека е еден од најпопуларните настани. Изложбата се одржува по 31-ви пат и посакувам да се одржува уште многу години понатаму“, истакна директорот на институцијата Сашо Тодоровски.
Основната идеја на оваа изложба е да се даде подршка на талентирани и квалитетни неакадемски ликовни творци, кои работат во континуитет, а чиишто дела тешко доаѓаат до пошироката публика. Освен во Куманово, изложбата се одржува и во неколку градови на североисточна Македонија.
Изложбата ќе биде поставена до 21 јуни 2023 година.
Изложбата е финасирана од Министерството за култура и влегува во годишната програма на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ Куманово.