Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Од ЈП „Куманово план“ информираат дека веќе е изработена основната документација за улицата „Индустриска“ во Куманово, и со проектот ќе се аплицира на владиниот повик за финансирање од унгарскиот кредит.
Станува збор за целосна реконструкција на коловозот и на тротоарите со вкупна широчина од 12 метри, и приближна должина од 1,300 метри.
„За нас голем и долгогодишен предизвик е улица „Индустриска“, која го опфаќа потегот од населбата „Железничка“ до населбата Бедиње. Со години сите знаеме во каква состојба е, веќе е направен основен проект и е предаден на Општината за понатамошно проследување до Владата“, истакна Анета Шандева Доневска, директорка на ЈП „Куманово план“.
Директорката смета дека функционалноста на ова улица е насушна потреба на градот, затоа што има голем број на правни лица и објекти во тој дел од градот.
Сопствениците на 40-тина фирми во најстарата индустриска зона во градот минатата година направија петиција затоа што со години не се инвестира во подобрување на патната инфраструктура која секојдневно ја користат, додека истовремено се издвојуваат големи средства за изградба на нова зона во близината на Куманово.
Улицата Индустриска, која им е единствената врска кон градот и автопатот, е со оштетен асфалт, дупки по коловозот, без тротоар и атмосферска канализација, поради што во лето се гушат во прашина, а в зима во кал. При секој поголем дожд им се поплавуваат дворовите. Со цел да иницираат решавање на проблемите фирмите доставија петиција до Општината.
Од Општината Куманово тогаш кажаа дека за не се планирани средства за реконструкција на улицата, и дека предходно треба да се изработи техничка документација.
Проектот ќе се финансира доколку биде прифатен од Владата.