Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Сопствениците на фирмите кои работат во индустриската зона во близина на железничката станица во Куманово, бараат локалната самоуправа да инвестира во подобрување на условите за работа во најстарата зона во градот.
Тие се жалат дека со години имаат лоша комунална инфраструктура што им претставува проблем во работењето.
Улицата Индустриска, која им е единствената врска кон градот и автопатот, е со оштетен асфалт, дупки по коловозот, без тротоар и атмосферска канализација, поради што во лето се гушат во прашина, а в зима во кал. При секој поголем дожд им се поплавуваат дворовите. Со цел да иницираат решавање на проблемите фирмите доставија петиција до Општина Куманово.
„Слојот на асфалтот е во многу лоша состојба и има големи дупки-кратери, кои за време на поројните дождови се полнат со вода, поради што произвлегуваат проблеми и со канализацијата. Ваквата состојба на улицата ги уништува возилата на нашите работници и клиенти, и индустриската зона наместо атрактивно место во градот е претворено во неатрактивна, грда, напуштена зона што лошо се рефлектира и на локалниот економски развој“, стои во петицијата која ја потпишале 40-тина фирми со околу 1.000 вработени.
Од Општината Куманово кусо им одговориле дека за оваа година не е планирано да се реконструира улицата, и дека предходно треба да се изработи техничка документација.
Адвокатката за предметниот случај на фирмите Елизабета Цветковска, вели дека ваквиот одговор ја покажува нелогичноста и непрофесионалноста на функционирање на локалните институции, кои не се фокусирани на решавање на проблемите кои ги има бизнис секторот во Куманово. Тоа само потврдува дека заложбите за економски развој на Општина Куманово се само декларативни, а не и суштински. Таа прашува како можат надлежните да инвестираат во нова зона во Речица, а да не сакаат да создадат елементарни услови за работа на фирмите кои го полнат општинскиот буџет.
„Општина Куманово постојано тврди дека работи на подобрување на климата за инвестирање во бизнис секторот, а од друга страна се соочуваме со реалност за постоечката индустриска зона, која е урбанистички изградена, но не се издвојуваат средства од Општината за одржување на нејзината инфраструктура. Она што е нејасно за бизнис секторот во Куманово, е како има пари да се инвестира во нова гринфилд инвестиција во Речица. Да не се разбереме погрешно и тоа е за поздравување, но, за тие инвестиции треба многу повеќе финансиски средства, за субјекти кои уште не постојат и не подлежат на даноци и на такси за разлика од бизнисмените кои се со седишта на улица Индустриска, и каде се наменети овие пари? Лично сметам дека од тука произлегува незадоволството на овие бизнисмени. Локалната самоуправа согласно правилата за креирање на развојните и годишни програми должна е да ги знае реалните потреби на граѓаните, но и да воведе критериуми и приоритети за нивно решавање, кои очигледно во овој момент ги нема, а приоритет треба да бидат тие кои даваат пари за локалниот буџет“, вели Цветковска.
Таа додава дека иако петицијата била поднесена пред два месеци, со барање за средба со градоначалникот Максим Димитриевски, советниците и со надлежните служби, но досега никој не ги контактирал, ниту пројавил интерес да ги слушне нивните проблеми.
„Реконструкцијата на улицата Индустриска ја има во општинските програми секоја година и се препишува, но ништо не се презема. Стои само како про-форма, бидејќи нема обезбедено финансиски средства за изработка на техничка документација. Проблемите наместо да се решаваат се продлабочуваат. Со вакво непланско и нестручно работење, инфраструктурата која веќе постои и требало многу малку за одржување, сега има големи проблеми. Од мали дупки станале кратери кои веќе претставуваат опасност за движење, и имаме безбедносен проблем“, вели Цветковска.
Сопствениците на фирмите и нивната адвокатка најавуваат дека ќе ги преземат сите правни мерки, со цел да го решат проблемот.
За разлика од оваа зона која не е интересна за локалната власт, градоначалникот Димитриевски најави дека во индустриската зона во Речица ќе ги инвестира дел од парите од продажбата на земјиштето на „Лидл“ за изградба на нова инфраструктура со цел да привлече повеќе странски инвеститори.