Готови монтажните училници
Од Нова година учениците Албанци од Техничкото училиште „Наце Буѓони„ ќе учат во монтажни објекти, поставени во кругот на зградата на поранешен ЗИК.
Објектот е веќе готов, а останува само да се уредат училниците, и во второто полугодие ќе започне наставата.
Оспособени се шест училници, кои сосема се пристојни за изведување на настава. Тоа е убав простор, каде се обезбедуваат нормални услови за две смени.Нашите ученици веќе три години учат во несоодветни училници на првиот кат во зградта и во подрумските простории во зградата на поранешен ЗИК. Бидејќи условите се лоши, а и часовите беа скратени, министерот одлучи проблемот да се реши со поставување на монтажните училници-вели директорката Лидија Михајловска.
Проблемот со паралелките во техничкото училиште настана пред 7-8 години, откако учениците се преселија во поранешната зграда на ЗИК. Во зградата има само 11 училници во кои наставата во три смени ја посетуваат 38 паралелки. Според договорот на министерството и локалната самоуправа, монтажните училници ќе бидат во функција до крајот на годината, а во меѓувреме ќе се бара трајно решение на проблемот. Како опција се посочува отварање на уште едно средно училиште на албански јазик во кругот на касарната „Кристијан Карпош„.