Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Изобилството на природни и културни вредности на локалитетот Градечки Чуки во кривопаланечко е потенцијал кој нуди можности за развој на туризмот и привлекување на посетители кои ги следат новите туристички трендови засновани на доживувањето, номадскиот туризам , искуството и дигиталните алатки.
Природното и културно богатство и наследство на овој атрактивен локалитет беше промовирано од најразлични аспекти на научната конференција „Градец – природа, историја, традиција, култура“ што ја организираше Здружението Кластер за туризам во соработка со ЛУ Градски музеј од Крива Паланка. Поточно, настанот беше посветен на специфичниот микрогеографски и антропогеографски простор наречен „Градечки чуки“ распослан во кривопаланечките села Градец, Габар, Баштево, Осиче и Лозаново.
„Конференцијата имаше за цел да претстави нови стручни моменти како и резултати од теренски истражувања и научни експедиции од областа на природата - биодиверзитетот, културното наследство како археологијата, етнологијата, фолклорот, историјата, историјата на уметност и архитектурата и туризмот кои се однесуваат на овој единствен по многу нешта кривопаланечки туристички простор“, истакна Драган Величковски, директор на Градскиот музеј.
На конференцијата учествуваа стручни лица од повеќе области кои ги презентираа најзначајните наоди и расположиви капацитети на локалитетот како што се испосницата на Свети Јоаким Осоговски, Црквата Свети Никола, археолошкото наоѓалиште Градиште, планинарските патеки и врвови, мистичните приказни, легенди и преданија, обичаи, традиција и слично.
Резултатите од научната конференција ќе бидат публикувани во стручното списание „Славишки зборник“ бр. 5 на Градскиот музеј Крива Паланка, а ќе се користат како стручна основа за реализација на макро-проектот „Градец -природен и културно – историски парк“ што музејската установа го визира уште од 2009 година. Ова е значајна подлога и за идно формирање на нови туристички рути и продукти, кои се дел и од новиот проект „Земја на легендите„ што Оштина Крива Паланка ќе го реализира со Град Лесковац, со поддршка од ИПА програмата за прекугранична соработка Србија-Македонија.
Научната конференција е организирана со поддршка на Министерството за култура, Општина Крива Паланка и Градски музеј.
(фото. Ѓорѓи Костовски)