Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Симона Јакимовска, кандидатка за советичка на листата на СДСМ, најави изградба на детски градинки во населбите „Тоде Мендол“ и „Перо Чичо“, доколку ја добијат поддршката на граѓаните.
„Инвестициите во младите, образованието и културата претставуваат инвестиции во иднината. Токму затоа, нашиот фокус во мандатниот период 2021 – 2025 година ќе биде обезбедување на современи услови за правилен раст и развој на нашите најмали сограѓани, поради што ќе изградиме две нови градинки во населбите „Тоде Мендол“ и „Перо Чичо“, кажа Јакимовска.
Таа додаде дека во програмата предвидуваат и реконструкција на основните и средни училишта: „Наим Фрашери“, „Вук Караџиќ“, „Кочо Рацин“, „Христијан Карпош“, „11 Октомври“, „Перо Наков“, „Магдалена Антова“, „Гоце Делчев“, „Крсте Мисирков“ и „Браќа Миладиновци“, „Толи Зордумис“, подрачни училишта во с. Режановце, с. Доброшане, с. Биљановце, с. Орашац, с. Кучкарево, с. Габреш и с. Градиште.
„Ништо толку силно не ги отвора видиците на индивидуата како што тоа го чинат културата и уметноста. Поради тоа особено внимание посветуваме на развитокот на културата и уметноста преку финансирање на постоечките културни настани во нашиот град, се со цел да поттикнеме интерес кај сите целни групи на граѓани“, додаде Јакимовска.
Таа најави повеќе културни манифестации меѓу кои: Фестивал „Кумановско културно лето“, Фестивал на краткометражен документарен филм, Фестивал на графити и Фестивал на фолклор...
Ивана Алексовска