Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Општина Куманово започна со дистрибуција на решенијата за данок на имот за физички лица за 2022 година. Решенијата се доставуваат преку пошта на домашна адреса, а постапката треба да заврши до крајот на наредната недела.
Од Општина Куманово велат дека поради оправдано доцнење на дистрибуцијата на решенијата, законскиот рок за наплата ќе се пролонгира до 15 февруари 2023 година.
„Со оглед на новонастанатата состојба Општина Куманово ќе има разбирање и законскиот рок за наплата на побарувањата по основ на данок на имот за физички лица ќе го пролонгира до 15 февруари 2023 година, за решенијата за данок на имот за 2022 година кои сега ги добиваат даночните обврзници. Сите даночни обврзници кои веќе го имаат платено данокот на имот за 2022 година нека не ги земаат во предвид решенијата кои ќе ги добијат на домашна адреса“, соопштуваат од Општина Куманово.
Сите даночни обврзници кои се сопственици на имот што се оданочува, корисници или плодоуживатели на имот, а кои на својата адреса нема да добијат решение за данок на имот за 2022 година до 15 декември се повикуваат да се обратат во просториите на Општина Куманово – Сектор за даноци и такси, спроти Градскиот стадион, поранешна зграда на АД Козјак, канцеларија бр.3 и канцеларија бр.10 како би се информирале и консултирале за својата законска обврска.
Општина Куманово апелира до сите граѓани и фирми совесно и одговорно да се однесуваат кон законската обврска за плаќање на данок на имот и истовремено ги повикува сите граѓани, односно сопственици на имот што се оданочува, корисници или плодоуживатели на имот да го пријават или одјават имотот што е предмет на оданочување.
Секој корисник или сопственик на имот кој се оданочува е обврзан во рок од 15 дена од момент на стекнување на имотот, односно од добивање на употребна дозвола или впишување во Агенција за катастар на недвижности да го пријави во Општина Куманово, Сектор за даноци и такси. Доколку не го пријави, Општина Куманово ќе постапува согласно законските надлежности, стои во соопштението.