Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Кандидатот за советник од граѓанската иницијатива „За наше Куманово“ Дејан Стојановски, денеска одржа прес-конференција на која ги најави идните проекти кои се предвидени во програмата на оваа иницијатива, а се однесуваат на унапредување и подобрување на социјалната заштита на територија на општина Куманово.
„Хуманоста и грижата за сите се едни од главните карактеристики за Куманово. За следниот мандат имаме и план и визија за да го подобриме животот на секој еден граѓанин. Ќе отвориме градска кујна за лица од социјално-ранлива категорија. Ќе отвориме и преноќевалиште за бездомници и психолошко советувалиште за жртви на семејно насилство, поплави и пожари. Ќе изготвиме програма за реинтеграција на маргинализирани лица (зависници од психотропни супстанци) на пазарот на труд и шелтер за маргинализирани групи. Децата од социјалнo-загрозени семејства ќе бидат вклучени во воннаставните активности и неформалното образование преку бесплатни курсеви, екскурзии, спортски активности и можност да учат и тренираат одреден спорт бесплатно“, потенцираше Стојановски.
На прес-конференцијата, Стојановски информираше дека општина Куманово ќе продолжи со постоечките активни мерки и проекти за социјална заштита.
„Дополнително ќе го развиваме проектот за инклузија на децата Роми. Ќе помогнеме за домување на материјално и станбено необезбедени лица, како и субвенционирање на болничките трошоци на лица од социјален ризик за тешки заболувања. Нема да ги заборавиме и домашните миленици - ќе изградиме стационар за згрижување и нега на кучиња скитници. Општина Куманово ќе продолжи да биде хумана и социјална општина“, истакна Стојановски.