Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Здружението за ликовна уметност „Форма“ од Куманово утре по петти пат го организира „Графити фест“. На фестивалот ќе учествуваат 20-тина уметници од Македонија, по двајца од Србија и Бугарија и по еден од Босна и Херцеговина, Хрватска, Турција и Словенија.
Оваа година ќе се работи на потпорниот ѕид кај зградите на улицата „Лесковачка“.
„Во 10 часот ќе се собереме пред ѕидот на кој ќе работиме и ќе се поделат материјалите. Подотвителниот слој е од материјал отпорен на механичи оштетувања и атмосферски влијанија. Боите и се што ни е потребно за работа се обезбедени од наши средства и спонзорство на приватни лица и компании“, изјави Дејвид Стоилковски, од Здружението „Форма“ од Куманово.
Настанот е отворен за публика и замислен е како дружење на кое сите заинтересирани можат да видат како се создава улично уметничко дело. За нив ќе има забава со диџеј и неколку штандови на кои ќе може да се купи освежување. Забавата ќе продолжи по завршување на проектот, по 20 часот со журка во кафе-бар во центарот на градот.
Концептот на „Графити фест“ е уметниците и уличните цртачи да внесат свежина со сликање на графити и мурали на сивите и оштетени ѕидови низ градот.
„Графити фест“ е единствена манифестација во Македонија, која неколку години наназад дава нов лик на урбаниот простор во Куманово и ги оплеменува запуштените места, отсликувајќи ја душата на уличната уметност и креативноста на младите.