Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
ЈП „Чистота и зеленило“ во Куманово воведе ново работно време за работниците на отворено, заради заштита од високите температури.
Согласно препораките на Министерството за здравство, работите на терен ќе се извршуваат рано наутро и доцна попладне, додека од 11 до 17 часот, односно во најтоплиот дел од денот ќе се паузира.
„Поради портокаловата фаза во којашто се наоѓа државата, екипите кои вообичаено работат во текот на 24 часа, до 25 јули ќе работат со изменето работно време. На изнесување на сметот ќе се работи во три смени и тоа: прва смена ќе работи почнувајќи од 6 часот, втората смена која досега излегуваше во 13 часот - ќе започне со работа од 17 часот и третата смена останува непроменета од 22 часот“, соопштуваат од претпријатието.
Тие апелираат до граѓаните да не фрлаат смет во садовите во дел од денот додека не се работи.
„Бидејќи од 11 до 17 часот ќе немаме екипи во централното градско подрачје за изнесување на садовите со смет, би сакале да апелираме до граѓаните што е можно повеќе да се воздржуваат од фрлање на смет во садовите коишто се поставени на јавно прометните површини во овој период“, стои во соопштението на претпријатието.
ЈП „Чистота и зеленило“ уверува дека ќе работат интензивно во останатиот дел од денот и нема да дозволат во овие топли денови да има поголеми застои при изнесување на сметот.
Вработените вчера ги чистеа решетките на градскиот плоштад во Куманово, кој утринава беше измиен и освежен со вода.