Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Младинскиот оркестар на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, се закити со Гранд при награда во категоријата на поп и џез ансамбли, на Меѓународниот натпревар на млади музичари „Сергеј Михајлов“ во Штип.
Фестивалот се одржува втора година по ред, а натпреварувачките дисциплини вклучуваат поп и џез, традиционални инструменти и состави, класична музика и теоретски предмети. Поп секстетот на нашите кумановци, под водство на менторот Александар Митрички, се претстави со песната „Кој да ми запее“ од Каролина Гочева и освои максималниот број 100 поени, по што се избори за Гранд при награда.
„Освојувањето на Гранд при на фестивалот ни дојде како награда за сето постигнато во изминатиот период. Одржавме многу концерти и во полициски час и на јавни настани, со физичко присуство и онлајн. Овој успех ќе биде мотив повеќе и за другите членови на бендот. Ова е голема награда за нас. Самиот факт што бевме единствените учесници што доаѓаат од некоја културна установа (останатите беа исклучиво од музички школи) зборува многу за нашата работа во кумановскиот Центар за култура“, вели Митрички, стручен соработник за сценско-музичка дејност во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“.
Оркестарот брои повеќе од 15 члена, меѓутоа заради протоколите за заштита од пандемијата, на натпреварот можеле да настапат максимум шест.
„Поради тоа, според видот на песните и аранжманите и афинитетите на децата ги селектирав членовите на овој натпреварувачки состав. Се покажа дека овој состав е победнички и на тоа сум горд. Анастасија Филиповска (вокал) е ученичка во СОУ Гимназија „Гоце Делчев“, Филип Стојковски е џез музичар и свири гитара, Јован Цветковиќ е студент на пијано на Музичката академија, Никола Стојковски е ученик во СОУ „Наце Буѓони“ на бас гитара, Иван Стајковски е студент на кларинет на ФМУ во Скопје и Марко Тимчевски е иден фармацевт, на ударни инструменти. Како што гледате, кај овие млади луѓе не се битни стручните познавања од музиката, туку љубовта и ентузијазмот кој го имаат“, додава Митрички.
Синхронизираноста помеѓу членовите на бендот била најголем предизвик во подготовките, но за кратко време успеале да постигнат убава хармонија, која се должи на позитивната енергија и желбата за успех кај сите музичари.
„Пробите поминуваа лесно и со убава енергија и сите дадовме свој белег во песните. За начинот на изведба на песната решававме сите заедно, јас како ментор, Филип кој веќе е одличен музичар, а имаше и други конструктивни предлози за начинот на свирење и пеење“, раскажува менторот.
Младински оркестар како матична форма на оваа установа, работи повеќе од три години. Во проектот се вклучени ученици и студенти, кои и покрај обврските на училиште и на факултет наоѓаат време и желба да се подготват за настапите. Тие се дел од речиси сите културни настани и проекти во Центарот за култура и градот. Покрај проблемите предизвикани од пандемијата, се соочуваат и со финанскиски проблеми.
„Културата е скапа работа и државата и градските власти мораат да вложуваат многу повеќе во културни настани и активности. Морам да ја истакнам поддршката на директорот Сашо Тодоровски, кој несебично се труди да обезбеди средства за организирање на сите настани. Во последните 3 години набавивме музички инструменти и опрема, со што е нормализирано функционирањето на овој оркестар. Што се однесува до Младинскиот оркестар планот е постојано обновување на членовите, учество во уште настани коишто се битни за нашиот град, но и пошироко. Сакаме да формираме сениорски бенд, кој ќе биде претставник на нашата установа на едно повисоко ниво“, вели Митрички.
Младинскиот оркестар планира гостување во Охрид, Крива Паланка, но и надвор од државата во Бугарија и Србија. Младите музичари се надеваат дека пандемијата брзо ќе заврши и ќе имаат можност да ја воздигнат културата во нашиот град.
(Сара Ѓорѓиоска)