01. 10. 2020 13:12

Гратис билети за претставите на Денови на комедија

Гратис билети за претставите на Денови на комедија

 Посетителите на меѓународниот театарски фестивал Денови на комедија во Куманово оваа година гратис ги добиваат билетите за претставите.

Поради ограничениот број на места, Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ одлучи влезниците да не ги пушта во продажба, туку да ги подели бесплатно на оние граѓани кои ќе се пријават на неговата страница на Фејсбук. Салата која има 677 места, поради новите протоколи, сега може да прими само 100 посетители.

- Ние имаме многубројна публика и секогаш се бара карта повеќе. Секоја година, за еден до два дена ги продававме билетите за сите претстави. И оваа година интересот е огромен и се пријавуваат многу граѓани, но делиме по два билета на најсреќните по случаен избор, -  вели директорот на Центарот за култура, Сашо Тодоровски.

Фестивалот на комедијата се одржува по 23. пат, но оваа година со скратена програма и под посебни протоколи за заштита. Организаторите велат дека не сакале да ја прекинат традицијата и вложиле големи напори да обезбедат гости и од странство, па во програмата се и претстави од БиХ, Бугарија и Србија.

Вечерва продолжуваат Денови на комедија  со претставата „ЈЗУ Европа“  на  НУЦК „Ацо Шопов“ од Штип, , потоа театар „Антон Панов“ од Струмица, со претствата „Секс, лаги и љубомора“, а следуваат Театарското друштво „Маскарад“ Софија со претствата „Не се клади на Англичани“ во режија на Владлен Александров, Театар комедија Скопје, со „Човек, ѕвер и доблест“, Театар „Славија“ – Белград, Србија со „Женски разговори“. На 10 октомври фестивалот ќе го затворат домаќините Театар Куманово со премиерната претства „Солдат“.

2008 - 2019 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk