Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Песната „Ода за Куманово“, која градоначалникот Максим Димитриевски ја претстави како химна на градот, предизвика револт кај советниците Албанците. Тие прашаа како може да се прави песна посветена на градот, која е финансирана од парите на сите граѓани, а притоа да нема елементи и уметници од сите етнички заедници.
„Како може да се направи химна на градот, а притоа да не помине на Совет. Затоа барам ова прашање да се стави како точка на дневен ред и да ни се објасни како дојде до реализацијата на овој проект кој не го отсликува етничкиот и културниот идентитет на градот. Сметам дека ова е скандал, бидејќи токму градоначалникот ја објави како химна на Куманово. На ваквата појава реагираа граѓаните“, кажа советникот Осама Муадини.
И советникот Фериз Дервиши е на иста линија со Муадини, тој вели дека во т.н. кумановска химна, спорно е видеото затоа што се прикажани само одредени делови на градот. Тој предложи да направи химна која ќе го отсликува минатото и сегашноста на градот, а тоа е мултикултурализмот со кој толку се гордееме.
Претседателката на Советот Атина Мургашанска, вели дека не се работи за официјална химна за градот, затоа што тие немаат донесено таква одлука ниту пак ја имаат предвидено во програмата, туку се работи за песна на тема за Куманово.
„Долколку се работи за химна треба да бидат опфатени сите етнички заедници, нивнита култура и јазикот. Ова не е химна, а доколку некој ја почувствувал така и ја нарекол, тоа е приватна работа. И јас кога ја видов лично ми сметаше зошто нема повеќе уметници од другите заедници, албански, српски, ромски пејачи, така ќе добиеше на квалитет, независно дали е химна или не“, кажа Мургашанска.
Таа ги повика советниците да ја одложат точката, бидејќи никој од надлежните не е присутен, а на некоја од наредните седници да се расправа за ова прашање. Тогаш да се договорат да се направи нова песна или да се обработи старата, за да биде прифатена од сите граѓани на Куманово.
Новата песна за Куманово - „Ода за Куманово“ беше промовирана на 28 јуни од градоначалникот Максим Димитриевски.
„Во организација на Фондацијата за култура и спорт, а под покровителство на градоначалникот и Советот на Општина Куманово, чест ни е да ви ја претставиме новата химна за Куманово - „Ода за Куманово“. Во оваа прилика сакам да упатам голема благодарност до учесниците во овој проект, истакнати музички имиња од нашиот град, како што се Мартинијан Кириловски, Ивона Јовановиќ, Марио Арангеловски, Нино Величковски, Маргица Антевска, Драгана Јовановска и новиот состав на „Октет Куманово“. Воедно благодарност до маестралните Миле Барбаровски и Огнен Неделковски за оваа прекрасно музичко и медиско остварување“, напиша Димитиревски на Фејсбук.
(С.Н.)