Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
И оваа година снегот ги изненади во февруари. Колку и да е излитена оваа фраза, секогаш е вистината кога е во прашање работењето на СДС и Максим Димитриевски. Куманово вчера и денеска личи на едно големо лизгалиште, - обвинија од општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
„Сите булевари и улици во градот се подледени, возилата и пешаците едвај се движат низ неисчистените улици и тротоари, а граѓаните по социјалните мрежи јавуваат и за неколку сообраќајни незгоди поради неисчистените улици. Заглавени возила по коловозите, непристапни пешачки патеки, а механизацијата со која толку се фалеше градоначалникот никаде ја нема, - изјави Игор Божиновски.
Тој потсети дека Куманово за зимско одржување на улиците и патиштата потроши неверојатни 10,4 милиони денари и праша зошто фирмата не е на висина на задачата.
„Фирмата „КООП Инжинеринг” од Куманово, која важи за блиска фирма на СДС, доби тендер за зимско одржување на улиците во вредност од 10 милиони и 400 000 денари. Тендерот го доделија, парите на граѓаните ги потрошија, а снегот по улиците остана неисчистен. Го прашуваме градоначалникот и локалната самоуправа, кога планираат да се исчистат главните сообраќајници и улици низ градот? Каде е дежурната екипа на КООП Инженеринг која го има добиено тендерот за да чисти деноноќно низ градот? Каде е механизацијата и зошто не е фрлена индустриска сол и ризла низ улиците? Дали фирмата која го има добиено тендерот за зимско одржување на улиците нема набавено доволно количини на ризла и индустриска сол и покрај тоа што во тендерот е пропишано да имат задолжителна залиха од 60 тони од истите материјали? Дали планира да понесе Димитриевски одговорност за катастрофалното управување со градот?, - праша Божиновски.