Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Кандидатот за градоначалник од редовите на СДСМ и коалицијата одржа прес-конференција пред Општата болница Куманово и најави целосна гасификација на оваа јавна институција, како клучен проект од програмата „Најдоброто за Куманово.
„Општата болница Куманово опслужува повеќе од 200.000 жители од регионот или 10% од вкупната популација во државата, а воедно се грее на мазут и фосилни горива и е еден од поголемите загадувачи. Во 2017 година менаџментот на болницата изготви проект за гасификација и го достави до Министерството за здравство. Проектите за изградба на гасна котлара и надворешен гасоводен приклучок се комплетно изработени во октомври 2017 година. Изведбата на приклучокот за болницата беше преземена обрска на Општина Куманово. Сектор за внатрешни работи Куманово исто така има поднесено барање, но се чека на Општината да обезбеди приклучок и достава на гас“, рече Илиевски.
„Ние, како СДСМ и коалицијата, се обврзуваме ова итно да се спроведе, да не се чекаат 4 години да добиеме еколошки алтернативи за греењето, како и помали трошоци за институциите. Со алтернативни извори на финансирање ќе го спроведеме ова долгоочекувано барање на граѓаните. Веќе зборувавме дека се обврзуваме на итна и целосна гасификација на сите домаќинства во Куманово, вклучувајќи ги и индустриските зони, со што добиваме повеќе инвестиции, како и зголемена рентабилност на стопанството, со што кумановските компании ќе бидат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар“, потенцираше Илиевски.
Тој објасни дека ова ќе значи помали сметки на граѓаните, чиста животна средина и чист воздух особено во зимскиот период кога во Куманово најмногу се чувствува загаденоста. Заштедите за енергија ќе бидат зголемени и истите можат да се пренасочуваат за нови инвестиции со кои ќе се поддржат младински политики и ќе се субвенционира задржувањето на младите во Куманово.