Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Советниците сметаат дека состојбата на терен не е променета, а Ромите немаат подобар стандард.
На последната седницата советниците го усвоија извештајот за реализација на Акциониот план за Декадата на Ромите во општина Куманово за период 2007 - 2011 година. Советниците велат дека состојбата на терен не е променета, а Ромите немаат подобар стандард.
Декадата се спроведува пет години, а децата сеуште питачат координирани од возрасните и не посетуваат настава. Не знам дали е проблемот во Општината или во државата. Оваа заедница е најпогодена од сите аспекти. Кога ќе влезете во Средорек и ќе поразговарате, граѓаните велат дека не ја чувствуваат Декадата. Освен предводнички на хуманитарни организации кои си ја подобриле состојбата и вработиле по двајца луѓе. Ромите не се социјализираат, а условите за живот не се подобруваат - вели Максим Димитриевски, советник од СДСМ.
Миле Јакимовски од ВМРО - ДПМНЕ смета дека треба да се опфати поголема целна група, во спротивно ако им се помага само на исти луѓе се создава незадоволство кај останатите. Тој додава дека недостигаат кадровски, технички и финансиски средства за целосна реализација на многу проекти.
Мислам дека има позитивни ефекти кои треба да се имплементираат. Во една ромска организација сум член на група која треба да лобира по институции за изградба на куќи. Тие требаше да се градат со поволни кредити - рече Јакимовски.
Советниците го изгласаа и нацрт - локалниот план за имплементација на Декадата на Ромите во Куманово за период 2012 - 2016 година.