Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Индексот на цените на мало во октомври 2022 година бележи зголемување од 15,4 отсто во однос на октомври 2021 година, соопшти денеска Државниот завод за статистика (ДЗС). Индексот на трошоците на животот за минатиот месец пак е зголемен за 19,8 отсто во споредба со истиот месец лани.
Според податоците на ДЗС, во октомври најмногу поскапеле свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови и тоа за 7,3%, млекото за 5,9%, сирењето и урдата за 5,7% и месото за 3,6%, прехранбените производи за 3,2 %, рибата и морските плодови за 2.8 %, лебот и житата за 1.8 %, кафето, чајот, какаото за 1.4 %, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 1.1 %, виното за 0.9 %, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 0.5 %, пивото за 0.4 % и жестоките пијалаци за 0.3 %,споредено со септември.
Во октомври, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај другите медицински производи за 4.6 %, другите услуги за опремата за сопствен превоз за 3.7 %, цврстите горива за домаќинствата за 3.4 %, парамедицинските услуги за 1.8 %, гасот за домаќинствата, и др.
Намалување на цените во однос на септември имало кај свежото и разладеното овошје за 3,6% и маслото и маснотиите за 0,8%.
Поголемо намалување на цените е забележано кај услугите за сместување за 12,4% и туристичките аранжмани за 10,4%.
Во септември, инфлацијата беше 14,7 отсто, додека во август беше 14,2 отсто, што претходно беа рекордни бројки.