Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Градежната инспекторката вработена во Општина Куманово, која пред три недели беше фатена како прима мито од граѓанин, од притворот во затворот К`шање е префрлена на лекување во приватна клиника во Скопје.
Таа во петокот се пожали дека има здравствени проблеми со срцето и белите дробови, по што била повикана Брза помош од Куманово. По преглед на лекар од општа пракса и бил даден упат за преглед кај специјалист во приватна клиника. Со дозвола на судија на предходна постапка во Основен суд Куманово, притворената била пренесена на преглед во здравствената установа во Скопје.
„На барање на установата во која ја издржува определената мерка притвор во петок е издена согласност лицета да биде однесено на преглед во болницата „Систина“. За другото судот нема податоци. Доколку е задржана на лекување установата треба да не извести, меѓутоа до денеска немаме таков податок“, велат од Кумановскиот суд.
Од Казнено - поправната установа (КПУ) - затвор Куманово, велат дека тие имаат повратна информација само дека притвореното лице е задржано на лекување, но не и за тоа од кои причини и колку време ќе остане во болницата.
„Ние денеска ја препративме информацијата до судот, која најверојатно ќе стигне утре, велат од КПУ Куманово.
Кумановската полиција поднесе кривична пријава против Л.Т.(60) од Куманово на 7 ноември, поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „примање поткуп“.
„Пријавената, овластен градежен инспектор во Општина Куманово, на 1 ноември годинава, во угостителски објект во Куманово била затекната како прима поткуп. Имено, на 25. септември граѓанин во СВР Куманово пријавил дека овластениот градежен инспектор Л.Т. во Општина Куманово, која вршела контрола на објект во изградба лоциран на улицата “Доне Божинов”, кој оштетениот го градел и на кој пријавената при контрола на записник констатирала отстапување од одобрението за градење, а за да не му издаде решение за запирање со градење и да не му поднесе соодветна пријава до надлежно ОЈО или суд му побарала поткуп најпрво сума од 1.500 евра, за да на 31 октомври ја покачи сумата за поткуп на 4.000 евра“, соопшти МВР.
Инспекторката била фатена во моментот додека ги земала обележаните пари.
Од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Куманово, велат дека истрагата за обвинението за примање поткуп е при крај, преземени се сите истражни дејствија, сослушани се сведоци и оштетениот, обезбедени се бројни матерјални докази, парите, како и видео матерјал.