Во сабота ќе се одбележат 114 години од битката на Зебрњак
На спомен костурницата на паднатите борци во Првата балканска војна - „Зебрњак“, во сабота ќе се одбележи годишнината од Кумановската битка.
Организатори на комеморацијата се Српска заедница во Македонија и Српскиот културен центар – Скопје, во соработка со Амбасадата на Република Србија, а под покровителство на Министерството за надворешни работи – Управата за дијаспора и Срби во регионот и Министерството за труд, вработување, борачки и социјални прашања на Република Србија.
„Одбележувањето на 114-годишнината од Кумановската битка ќе се одржи во сабота, 24 октомври. Комеморацијата ќе започне во 11:00 часот со оддавање почит и положување венци во спомен на загинатите борци, а ќе биде реализирана и пригодна културно-уметничка програма“, соопшти Српската заедница во Македонија, регионален одбор Куманово.
Кумановската битка се водела на 23 и 24 октомври 1912 година во м.в. Зебрњак за време на Првата балканска војна. Тоа била првата и одлучувачка битка за конечната победа и ослободување на балканските земји од Отоманската империја.
Во Кумановската битка, српската армија изгубила 687 војници, 3.280 биле ранети, а 597 биле исчезнати. Турската вардарска армија имала 1.200 убиени, 3.000 ранети и 327 заробени војници. Војниците прво биле погребани на гробиштата во црквата „Свети Ѓорѓи“ во Млади Нагоричане, а во 1937 година телата биле ексхумирани и пренесени во костурницата на Зебрњак, монументален споменик на српските херои кои загинале во Кумановската битка.
Во Кумановската битка учествувале и околу 2.000 македонски доброволци, составени од локални жители, кои се бореле против турската армија од утро до попладне, сè додека не пристигнало засилување, со цел да се спречи опколувањето на српските сили.
Споменикот на Зебрњак бил граден од 1934 до 1937 година и е дело на белградскиот архитект Момир Коруновиќ. Со висина од 48,5 метри, тој бил најголемиот споменик во Кралството Југославија. Изграден е од базалт и армиран бетон, со изглед на неосвоива тврдина и симболична светилка на врвот, која горела над коските на паднатите војници. Над спомен-костурницата се издигала висока кула.
Со влегувањето на бугарските сили во Втората светска војна, многу споменици во оваа област биле урнати. Така, на 20 мај 1942 година, кулата на овој споменик, висока 40 метри, била срушена со динамит. Никогаш повторно не е подигната.