Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Мирсада Хелдовиќ (5) од кумановската населба Бавчи вчера околу 15 часот исчезнала од пред куќата, додека се играла во дворот со својата сестра близначка. Детето го чувала баба му, која прва забележала дека го нема.
Го побарала кај комшиите, а кога потрагата била безуспешна, случајот го пријавиле во полиција.
Се сомневаме дека детето е грабнато, бидејќи вчера е забележан црн џип со бугарски таблички како се движи во населбата. Жителите на Бавчи и порано го видувале тоа возило како се вртка наоколу и сигурно некој планирано дошол да ни го украде детето. Поради тоа бараме полицијата да ги затвори границите да не се изнесе детето во странство - велат роднините.
Петгодишното девојче има пречки во развојот и родителите го оставиле кај бабата, бидејќи отишле во болница, поради тоа што мајка му е во деветиот месец од бременоста. Кога се вратиле дома разбрале за страшната вест. Семејството е незадоволно од односот на полицијата и обвинува дека цела ноќ со жителите на Бавчи и Средорек сами го барале детето без полициска придружба. Тие апелираат до сите граѓани кои ќе го видат малото девојче да им помогнат и да пријават во полиција.
За само петнаесетина дена ова е втор случај да исчезне дете во кумановските ромски населби. Дани Мемеди(4,5) сеуште не е пронајден, семејството се сомневаше дека се удавил во надојдените води на реката Кумановка, но сега не се сигурни дека е така.