×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Иселениците го зголемија сообраќајниот метеж, но не и прометот во продавниците

    29.12.2022 11:57 | Оливера Пешевска

    Доаѓањето на иселениците за Новогодишните и Божиќни празници го зголеми сообраќајниот метеж во Куманово, но не и приходите на трговците, кои се жалат дека оваа година немаат ниту третина од прометот што вообичаено го правеле изминатите претпразнични периоди.

    Иселениците го зголемија сообраќајниот метеж, но не и прометот во продавниците

    „Не помагаат ниту попустите, ниту понудите. Минатата година, и покрај ковид кризата, се купуваше и се чувствуваше празнична еуфорија, а оваа година ништо“, вели продавачка во бутик во центарот на Куманово.

    Поскапувањата, економската и енергетска криза очигледно влијаат и на заработувачката и семејниот буџет на иселениците, кои годинава не се „расфрлаат“ со заработените пари во странство за да ги прослават со прекумерно трошење празниците со најблиските. Уште помалку, пак, трошат кумановци кои имаат и покромна заработувачка.

    „Има влијание и економската криза, но мислам дека несигурноста,стравот од иднината кај луѓето ги активира кочниците. Сега сите се трудат само да ги протуркаат празниците, без многу еуфорија и со што помали трошоци“, заклучува друг сопственик на бутик.

    Трговците велат дека дури ни популарниот „блек фрајдеј“ не ги исполнил нивните очекувањата, а и цел месец декември потфрлил со прометот во малопродажбата. Тие не очекуваат премногу од сезоната, затоа што и сами гледаат дека и луѓето што ќе влезат во продавницата тешко се одлучуваат да потрошат пари.

    Граѓаните, пак, се се жалат на превисоките цени и купаат главно ситници, најмногу подароци за децата за да ги израдуваат со новогодишни подароци.

    „На децата мора да им купиш нешто зашто очекуваат Дедо Мраз да им донесе подарок и го чекаат цела година. Задоволство ни е да ги израдуваме и да бидат среќни. За нас, купуваме само нешто доколку ни е неопходно или некоја ситница колку и ние да ја почувствуваме празничната атмосфера. Но, и тоа е скромно“, вели сограѓанка.

    Во драгсторите и мега маркетите има раздвиженост, но и таму се незадоволни од прометот.

    „Се купува по килограм-два месо. Само за семејството и најблиските. Работа има констатно, но количините се значително намалени“, потенцира работник во касапница.

    Единствено во една прафимерија потврдија дека прометот и количините што се продаваат се во рамките на оние од пред неколку години.

    „Нема натфрлување,но го задржуваме континуитетот.Се бара се и за нега на лице,тело и коса и декоративна козметика и парфеми за себе или за подарок. Во последните денови често знае да има повеќе метеж и за пакување на подароците,но ќе видиме утре, задутре“, вели вработена во парфимерија.

    Традиционално се чека и последниот момент кога граѓаните трошат повеќе за празничната трпезаи подароци за најблиските. Сите, пак, и купувачите, и луѓето зад касите и полиците, се надеваат на многу помирна, посигурна и бериќетна Нова година.