Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во големата сала на Комитет вчера беше промовиран проектот за изградба на новиот Средношколски центар „Сами Фрашери“, каде ќе се обезбеди простор за учениците од гимназиските паралелки и техничкото училиште „Наце Буѓони“, кои посетуваат настава на албански јазик.
Објектот ќе се гради во населбата Бедиње, во дворот на поранешената касарна, зад Тетовскиот универзитет и Средното економско училиште „Перо Наков“.
„Вкупна површина на објектот е 7400 м2, а нето корисна површина е 6700 м2. Приближна вредност за изградба, без инвентар и уредување на партерниот дел е проценета на 6 милиони евра, додека за да се предаде во употреба, комплетно опремено со опрема за училниците и кабинетите, спортските терени, паркинг просторот, надворешно осветлување сметаме дека ќе чини 8 милиони евра“, истакна Скендер Османи, директор на Урбан ИНГ, кој без надомест го изработи проектот заедно со проектантскиот тим на ЈП Куманово-план.
Планот предвидува објектот да биде на 4 нивоа: подрум, приземје и 2 ката, со по 10 училници на секој кат за по 30 ученика. Капацитетот на училиштето ќе биде за 1.200 ученика.
„Поради тоа што намената на објектот е за две големи средни училишта, ќе има и исто толку наставнички канцеларии, секоја со простор за 68 професори, кои ќе се наоѓаат на првиот и вториот кат.Во планот е вцртана училишна библиотека, на површина од 110м2, како и 16 целосно опремени и функционални кабинети. Објектот ќе има 67 паркинг места, а ќе има три влеза во објектот-главен, помошен кој е поблиску до училниците и влез кој ќе води до спортските терени. На секој кат е испланиран санитарен чвор, а од десната страна на помошниот влез ќе има лифт, кој ќе води до сите нивоа. По сите современи стандарди ќе бидат инсталирани противпожарни врати кои го делат објектот на неколку дела“, кажа Османи.
На почетокот на својот мандат локалната власт, со консензус на сите политички субјекти одлучи дека приоритет на општината ќе биде изградба на нов, модерен објект, во кој ќе се спроведува настава за учениците од „Сами Фрашери“ и паралелките на албански наставен јазик на Техничкото училиште „Наце Буѓони“. Сега се подготвени сите потребни документи за да се аплицира до Министерството за образование и наука за изградба на нов средношколски центар.
„Во ова модерно време кога дигитализацијата го зема својот примат важно е да имаме простории, опремени училници, модернизирани кабинети каде учениците ќе го имаат оној визуелен, дигитален елемент, бидејќи тие на сосема поинаков начин учат, тие знаат каде и како да дојдат до потребната информација. Се надевам дека како локална власт ќе имаме можност да доживееме и отварање на средното училиште. Ние како општина направивме се што требаше, сега топката е кај МОН“, кажа претседателката на советот Ивана Ѓеоргиевска.
На почетокот на годината МОН објави дека има обезбедено средства во својата Програма за капитални инвестиции за 2023 во висина од 50 милиони денари од сопствениот буџет и за следната 2024 година уште 70 милиони. Владата ги имаше обезбедено средства за нов училишен објект, но доколку во согласност со документацијата е потребна поголема инвестиција со целосна подготвеност да се изнајде дополнителен буџет, со цел да се реши деценискиот проблем на учениците кои следат настава во несоодветен објект –во поранешната зграда на „ЗИК Куманово“. По нивна процена потребни се три години да биде изградена новата гимназија. Досега се чекаше само проектната документација која требаше да ја обезбеди Општина Куманово.