Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
На градскиот плоштад во Куманово, во вторник, вториот ден на Велигден, со почеток во 12 часот ќе се одржи манифестацијата „Велигден, ист на различен начин“, која ја организира Здружението „Живот“, од Куманово.
На манифестацијата ќе учествуваат претставници од основните и средни училишта, здруженија и тимови од Куманово и други општини од Македонија, како и претставници на различни верски заедници со што допринесуваме за меѓуетничка и меѓуверска соработка.
Во рамките на манифестацијата ќе бидат организирани: изложба и избор на најубаво декорирана велигденска кошница, изложба и избор на најубаво велигденско јајце, литературно читање на тема Велигден, турнир во кршење велигденски јајца и прогласување на најцврсто велигденско јајце.
„Настанот е посветен на велигденските обичаи и традицијата поврзана со чествувањето на големиот христијански празник Велигден и има цел зачувување на традиционалните вредности и надополнување на Велигденските празнувања“, велат организаторите.
Oваа година ќе учествуваат и ученици кои следат настава на албански јазик, кои заедно со останатите основци и средношколци денеска ќе бидат дел од работилница за изработка и декорација на велигденски јајца и кошници.
„Минатата година имавме деца од ромска националност, но за годинава учеството го потврдија и ученици кои следат настава на албански јазик. Така се учиме на соживот, заедничко прославување и запознавање со обичаите едни со други“, изјави Драган Цветковиќ, од здружението „Живот“.
Во рамките на настанот „Велигден, ист на различен начин“ распишан е и литературен конкурс за есеј, расказ, драма, поема или било кој друг вид на литературна форма за празнувањето на Велигден, а децата од други националности се охрабруваат да пишуваат и творат на свој мајчин јазик.