Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Мултимедијалната изложба „Помеѓу празното и празнината“ на авторката Марина Цветановска Мартиновска од Куманово е отворена во Македонскиот културен центар во Њујорк, САД, со поддршка на Министерството за култура.
Станува збор за визуелно - музички проект во кој делата на Мартиновска се дополнуваат со пијано звуците на Билјана Петровска, така што и музиката и ликовната уметност се испреплетуваат низ просторот, како карактеристика на двете уметнички во нивниот настап.
При создавањето на релјефните форми и цртежи, Марина се инспирира од музиката на Билјана Петровска, а воедно Билјана наоѓа инспирација од делата на Марина при создавањето, компонирањето и аранжманот на музиката.
„Ја најдовме заедничката фреквенција и создадовме целокупно искуство преку современ пристап и обработка на заедничка тема - празно, празнина, празен волумен, тишина. Преку најновата ликовна поставка, се надевам успешно, одговарам на постулатите на современиот ликовен тренд, нудејќи, но и барајќи одговори за сложени филозофски поими и догми“, вели Марина Цветановска Мартиновска во освртот на својата изложба.
Ова е десетта самостојна изложба на Мартиновска, која досега е поставена во Уметничката галерија во Куманово и Македонскиот културен центар во Истанбул. Инаку, Мартиновска самостојно има изложувано во Македонија, во Париз, Берлин,Истанбул и Њујорк, а учествувала и на групни изложби во земјава и светот. Учесник е и на 15 ликовни колонии и
добитник на повеќе награди. Зад себе има и костимографско и сценографско искуство на неколку претстави во театрите во Куманово и Струмица.
Марина Цветановска Мартиновска е родена во Куманово. Дипломирала во 2000 година на на ФЛУ Скопје, на педагошкиот оддел, насока вајарство со сценографија, во класата на проф. Станко Павлески. Во 2005 година завршува постдипломски студии по вајарство на ФЛУ и член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија од 2000 година. Вработена е како ликовен педагог во ОУ „Браќа Миладиновци“ Куманово од 2001 година.